Граѓанско право

Едно од најголемите и најзначајни гранки во правото кое опфаќа, семејно и наследно право, облигационо право, стварно право. Постапката може да биде парнична (кога има спор) или вон парнична (кога не постои спор) и истата се води пред надлежните Граѓански судови.

Тужба - Парничната постапка како постапка во која има спор помеѓу најмалку две страни, се поведува со тужба. Тужбата по правило е иницијален акт, со кој се поведува определена судска постапка, а странките во постапката се јавуваат во својство на Тужител, Тужен и Трети лица. Основниот закон по кој се водат судот и странките во оваа постапка е Законот за парнична постапка и истата завршува со донесување на Пресуда од страна на судот (на пример, спор околу долг, спор за надомест на штета, спор околу договор и сл.)

Предлог - Иницијален акт за започнување на вон парнична постапка во која нема спор, но е неопходно да се изврши одреден упис, да се констатира или утврди некоја состојба или право. Станува збор за поекономична, побрза постапка која судот ја завршува со донесување на Решение. Учесниците се нарекуваат Предлагачи и Противници (на пример, утврдување на смрт на одредено лице, старателство кога нема спор, делба на имот кога сите се согласни, поведувањена оставинска постапка и сл.)

Изработка на Предбрачни Договори - Предбрачниот договор претставува строго формален договор. Законодавствата во светот прифаќаат и уредуваат два различни модела на регулирање на имотно- правните односи на брачните партнери, и тоа: законски брачен имотен режим и договорен брачен имотен режим

Разводи - Брачната заедница се разведува на два начина, и тоа со поднесување на -Тужба за развод на брак, кога двете страни не сакаат да се разведат спогодбено или со - Предлог за спогодбен развод на брак, кога двете страни можат претходно да се договорат на кој начин побрзо, поцелисходно и поекономично ќе го разведат бракот. Надлежен суд е судот според последното заедничко живеалиште на брачните партнери.

Алиментации- Финансиски надомест

  • Издршка на деца: Ова е најчестиот вид издршка, каде родителите се обврзани да ги издржуваат своите малолетни деца по спроведување на постапката за развод на бракот

  •  Издршка меѓу брачни партнери: Под одредени услови, еден брачен партнер може да биде обврзан да му плаќа издршка на другиот брачен партнер.

  • Издршка за родители: Возрасните деца во одредени случаи може да бидат обврзани да ги издржуваат своите родители кои не се способни за работа.


Спогодби за старателство- Во рамките на постапката за развод, едно од најважните и можеби најемотивно исцрпувачки прашања често е, кој го добива старателството над малолетните деца. Согласно одредбите на Законот за семејството, одлуката за доверување на малолетните деца на чување и воспитување ја донесува надлежниот суд, по претходно прибавено мислење на Центарот за социјални работи. Клучен фактор при одлучувањето е дали брачните другари меѓусебно се имаат спогодено со кој од нив ќе продолжат децата да живеат по разводот. Во најголем број случаи, доколку постои ваква спогодба истата се почитува и од страна на Центарот за социјални работи и од страна на судот. Меѓутоа, важно е да се напомене дека дури и во случај на постоење спогодба меѓу брачните другари, нема апсолутна гаранција дека децата ќе бидат доверени согласно нејзината содржина, доколку Центарот за социјални работи и судот проценат дека спогодбата е спротивна на најдобриот интерес на децата. Ваквите случаи се исклучително ретки во праксата на македонските судови и генерално се случува само под исклучителни околности. Од друга страна, доколку помеѓу брачните другари постои спор за доверувањето на малолетните деца, одлуката на судот и мислењето на Центарот за социјални работи, генерално зависат од следните фактори:

  • Возраста, здравјето и развојните потреби на детето;

  • Односот на детето со секој родител, вклучувајќи го квалитетот на родителската грижа и емоционалната врска која е изградена;

  • Способноста на родителите да обезбедат стабилна срединa за развој на детето (финансиски услови и услови за домување, работниот ангажман
    на родителите итн.);

  • Постоење историја на семејно насилство, злоупотреба на супстанци или запоставување од страна на кој било родител;

  • Лични преференции на детето, особено кога детето е доволно зрело да даде свое мислење.

Одземање на деловна способност- Деловната способност претставува правна категорија која означува способност на едно лице самостојно да стекнува права и да презема обврски. Во Македонија, оваа способност е регулирана со Законот за вонпарнична постапка, а нејзиното одземање се смета за сериозна правна мерка. Одземањето на деловната способност значи дека лицето веќе не е способно самостојно да склучува договори, да управува со својата имотна состојба или да презема други правни активности без одобрение од старател Одземањето на деловната способност најчесто се врши кога лицето не е во можност разумно да расудува за своите постапки поради:

  • Ментално заболување – шизофренија, деменција, тешки психички растројства.

  • Интелектуална попреченост – состојби кои значително го намалуваат когнитивното функционирање.

  • Алкохолизам и наркоманија – доколку лицето е зависник до степен што не може да се грижи за сопствените права и обврски.

  • Друга состојба која влијае на способноста за расудување – сериозни невролошки заболувања или трауматски повреди на мозокот.

Наследување- Преминот на имотот, правата и обврските на едно лице кое починало (Оставител), на неговите наследници, лица кои имаат право да го наследат, се регулира преку два вида на наследување: Законско и Тестаментално. Доколку Оставителот нема никаков наследник, државата го наследува, односно станува сопственик на целиот имот на Оставителот.

Законско наследување- Кога оставителот не оставил Договор за дар или Завештание (Тестамент) или кога тестаментот не го опфаќа целиот имот, во тој случај се наследува врз основа на закон, односно, починатиот го наследуваат сите негови потомци, неговите посвоеници и нивните потомци, неговиот брачен другар. Наследниците се распоредени во три наследни редови, започнувајќи од најблиските, кон подалечните.

Тестаментално наследување - Тестаментот е еднострана и лична изјава на последната волја, со која завештателот одлучува на кој начин ќе биде распределен неговиот имот по неговата смрт, односно, со него се уредуваат наследно-правните односи, а Оставителот одредува кои лица ќе му бидат наследници и кој дел од оставнината ќе му припадне на наследникот по неговата смрт. Тестаментот претставува еден од основите за повикување на наследство и истиот е документ со одложно дејство, од причина што започнува да произведува ефект во моментот на смртта на завештателот. Во текот на животот тестаментот може да го менувате и дополнувате, а за да биде валиден, тестаментот мора да содржи одредени елементи кои ги пропишува Законот за наследување. Во спротивно, тестаментот нема да се применува и наследно- правните односи ќе се уредат според правилата на законското наследување.

Договор за дар- Претставува наједноставен даровен договор кој претставува основ за пренос на правото на сопственост на определен предмет, отстапување на некое право, отпуштање долг или преземање туѓ долг без надомест. Главното обележје на договорот за дар е мотивот и волјата на Дарувачот за дарување на Даропримачот. Постојат повеќе видови на Договори за дар, секој од нив пецифичен по одредени особености и елементи кои ги содржи:

  • Договор за доживотна издршка

  • Договор за дар со доживотно плодоуживање

  • Договор за распределување на имотот за време на живот

Договори за физички делби- Физичката делба на имот е постапка со која се распределува заедничкиот имот меѓу сопствениците, овозможувајќи секој да добие свој независен дел. Оваа постапка може да се спроведе преку Спогодбена делба со склучување на меѓусебен Договор или судска постапка со поднесување Предлог за делба.

Семејно- правни постапки и уредување на лични и имотни односи меѓу членовите на семејството, регулирање на нивните права, обврски и одговорности кои произлегуваат од родителството, бракот и семејните односи и врски, посвојување, старателство и згрижување.

Утврдување на сопственички права- Сопственоста е основна категорија на граганското право и на стварното право и еден од основните видови на граѓанско-правните односи, заштитена со Уставот на Република Македонија. Правото на сопственост е неприкосновено, а може да се ограничи во одредени ситуации, пред се поради постоење на јавен интерес. Сопственикот има право својата ствар да ја држи, целосно да ја користи и да располага со неа по своја волја, доколку тоа не е спротивно на закон или на некое право на друго лице. Секое физичко или правно лице има право на мирно уживање на својот имот. Никој не може да биде лишен од својот имот, освен во јавен интерес и под услови предвидени со закон и со општите принципи на меѓународното право.

Должничко-доверителски односи- Се односи во кои едната страна должи нешто, или е задолжена да стори, да трпи, да плати, да предаде нешто, или да изврши некоја услуга во корист и интерес на другата страна, која има право да бара исполнување на договорената обврска, односно, очекува да му биде платено, предадено или извршено нешто. Двете страни во овој облигационен однос се нарекуваат, Доверител и Должник. Ваквите односи најчесто настануваат со склучување на договори, со предизвикување на штета, јавни обврски кои настануваат по сила на закон и сл. Целта на воспоставување на ваквите односи и нивното правно регулирање е целосно и уредно исполнување на договореното меѓу двете страни.

Договори- Постигната согласност, писмена или усна, помеѓу две или повеќе страни за уредување на нивните меѓусебни односи, права и задолженија.

Тужби- Тужбата по правило е иницијален акт, со која се поведува определена постапка каде постои спор.

Жалби- Вид на редовен правен лек против веќе донесена судска пресуда, кој се поднесува во определен рок, а со цел повисокиот суд да донесе пресуда поразлична од претходно донесената од страна на понискиот суд.

* Консултирајте стручно лице кое ќе Ви ги објасни сите права и обврски како во текот на постапката, како и правните последици кои произлегуваат по завршување на постапката. Правни совети и мислења во писмена форма-Побарајте правен совет, мислење и консултација, ТУКА